новости / мисија / структура / проекти / галерија / публикации / контакт

Проекти Проектите кои досега КОР, како носител или, како парнерска организација, ги има спроведено, или се во тек на реализација, се однесуваат на:
Ревитализација на градските плоштади во Балканските градови
(2011 -2012),

Проектот Ревитализација на градските плоштади во Балканските градови, е регионален проект за соработка, во реализација на Ко-план, Институтот за развој и Хабитат и Универзитетот Полис од Тирана, Албанија; Експедитио - Центар за одржлив просторен развој од Котор, Црна Гора и Коалицијата за одржлив развој - КОР, од Скопје, Македонија. Цел на проектот е да придонесе за заживување на градските плоштади како јавни простори кои го артикулираат културниот идентитет, и промовирање на различностите преку спроведување на јавните политики и активно учество на заедницата. Иницијативата има две специфични цели: да поттикне национален и регионалнен дискурс околу политиките како градските плоштади може да се трансформираат во живи јавни  места (всушност, размената на знаење и искуства е првиот чекор кон воведување на нови идеи и приоди како јавните површини да се трансформираат во живи места кои ќе служат за потребите на заедницата) и да се обезбеди практична поддршка на локалните власти да преземат конкретни активности за трансформација на градските плоштади. Активностите предвидени со овој проект се планирани со цел да создададат општа рамка која ги опфаќа елементите на систематски пристап: истражување кое обезбедува основа за остварливи решенија базирани на креативни енергии и аспирации на заедницата и зајакнато меѓу-секторско и прекугранично поврзувањета, кое ќе обезбеди видливост и промовирање на заеднички поставени применливи начини за спроведување .

Поддржан од:
Швајцарската културна програма за Западен Балкан (SCP),
Недовршена модернизација – Помеѓу утопија и прагматизам
(2010-2012)

Недовршена модернизација - Помеѓу утопија и прагматизам е иницијатива за долгорочна истражувачка платформа за архитектура и урбано планирање, заснована врз принципот на широка соработка помеѓу граѓанскиот сектор и институците од Југо-Источна Европа. Проектот, во реализација на 6 организации (Здружение на хрватски архитекти - Загреб, Институт за современа архитектура - Загреб, Трајект - Љубљана, Уметничка галерија – Марибор, Здружение на архитекти од Белград – Белград, и Коалиција за одржлив развој - Скопје), е поддржан преку европската програма Култура 2007-2013 и ќе се спроведува во 4 земји од регионот: Словенија, Хрватска, Србија и Македонија. Временската рамка на проектот е 24 месеци (мај 2010 – мај 2012)

Проектот е насочен кон поттикнување на интердисциплинарни истражувања за  изградената средина на просторот на поранешна Југославија, во еден поширок социјален, политички и културен контекст, создавана во периодот од почетокот на заедничката социјалистичка држава до денес. Темата на истражувањата е начинот на кој различните концепти на модернизација ги условуваа архитектурата, територијалните трансформации и урбанаите феномени.

Иако во голема мера неистражени и без соодветна интерпретација, многу од моделите создадени во регионот беа оригинални и експериментални, и истите денес може да се користат како инспирација за прогресивни практики, како во  регионот, така и пошироко, вон регионалните граници. Задачата на проектот е да посочи ефективни, флексибилни и општествено одговорни модели на архитектура и урбанистичко планирање. Проектот, исто така, има за цел да реконструира важен сегмент на заедничката историја на Југоисточна Европа и преку транс-национална соработка и мобилност, да  го зајакне интер-културното почитување и разбирање.

За постигнување на своите цели и задачи, проектот предвидува бројни активности: работилници, симпозиуми, предавања, изложби, публикации и интерактивна веб-страница (www.unfinishedmodernisations.net). Финалата изложба е планирано да се одржи 2012 во Марибор (Словенија), (прогласен за Европски град на културата за 2012) што на проектот ќе му обезбеди поголема видливост во еден поширок европски контекст.

Поддржано од:
Европската Извршна Агенција за Образвонаие, Аудио-визулни активности и Култура – програма Култура 2007-2013, Министерство за Култура на РМ, Град Скопје

Замисли град - Разговор за (отворање на) процесот на планирање на град, (12.2010-02.2011)

»Замисли град« се фокусира на теми кои се важни за урбаниот развој на градот. Поради значителната урбана трансформација на Скопје во последнава декада, делува неопходно да се отвори разговор за процесите на планирање на градот и значењето на архитектурата во него. Идеата е преку разговор и конкретни примери да се разгледаат можните насоки кои во иднина би го подобриле урбаниот развој на Скопје, кој освен тоа што е секојдневна реалност за неговите жители, е дел и од потесниот и поширокиот контекст на проток на луѓе, капитал, информaции... Градот секојдневно се гради, но доколку на таа активност, како условно трајна, не и претходи стратешко планирање, изградените ткива можат да станат сериозна пречка во неговото функционирање. Битката за соодветно место во современите градски текови, може да се избори само ако, меѓу другото, се отвори процесот на планирање.
Целта е да се поттикне доближување на разни фактори во процесот на планирање: урбанисти, архитекти, социолози, образовните институции, локалната власт, инвеститорите и граѓаните. Резултатот што се очекува е формирање на мрежа што ќе работи на реобмислување и отворање на процесот на урбанистичко планирање кон граѓаните и сите засегнати локални фактори, но и кон на интернационалното знаење и искуствата од регионот.

Настанот е дел од интернационалната програма DebateonTourна Холандсиот Институт за Архитектура и програмата Archis SEE network, во организација на Прва Архи Бригада и КОР, Скопје.

Поддржано од:
ERSTE Foundation и Амбасадата на Кралството Холандија во РМ

На работа со велосипед е во ред! (2010)

Користењето велосипед како транспортно средство има многу предности: помалку стрес, помалку губење на време во потрага по паркинг простор. Користењето велосипед, поради неговата практична вредност како средство за транспорт, не само што придонесува за решавање на многу проблеми кога е во прашање мобилноста на ефикасен и атрактивен начин (брзо, удобно, евтино, го подобрува здравјето и помага да бидеме во форма !), туку е и еколошки - придонесува за подобрување на квалитетот на животната средина и заштеда на енергија. Со цел да ја промовира иницијативата „НА РАБОТА СО ВЕЛОСИПЕД Е ВО РЕД!“ и кај нас, КОР, во соработка со „4х4х4 Балкански мостови“ од Скопје, а со поддршка на Градот Скопје и весникот „Нова Македонија“, како наш медиумски покровител, спроведе истражување за практиките на граѓаните, кога станува збор за транспорт до и од работа, и уште поважно, кои услови би ги поттикнале оние кои се апсолутно зависни од автомобилите, со цел да почнат почесто да користат немоторизиран транспорт за одење до и од работа. Истражувањето беше спроведено преку прашалник од 10 прашања. Идејата за еден ваков краток прашалник (за чие одговарање се доволни не повеќе од 5 до 10 минути) беше да „охрабриме“ што поголем број луѓе да се вклучат во истражувањето. Истражувањето се спроведуваше во период од два месеци (октомври-ноември, 2010), и со него беа опфатени 730 граѓани, вработени во приватни компании, јавни претпријатија, образовни институции, јавна администрација, невладини организации...
Благодарение на весникот „Нова Македонија“, во кој во периодот од 25.10.2010 до 21.11.2010 секојдневно се објавуваше прашалникот, во истражувањто се вклучени не само ставовите на жителите на Скопје, туку и пошироко, на граѓаните од целата држава.

Поддржано од:
Градот Скопје и весникот „Нова Македонија“, како медиумски покровител

Кон нови стратегии за презентирање на културниот капитал на Македонија (2009):

Проектот имаше за цел да иницира дебата како да се потенцира извонредниот културен придонес на Република Македонија, чии вистински потенцијали и придонес се уште се недоволно познати на европската културна мапа, од една страна, како и да се проговори за можните модуси преку кои оваа фасцинантна разноликост на архитектонско културното наследство на земјата ќе биде препознаена како интегрален дел од европскиот дискурс за културно наследсво. Проектот беше фокусиран на градот Скопје и неговата околина, со цел да посочи и претстави примери на архитектонско културно наследство, карактеристични и репрезентативни за македонската култура, и да проговори за потенцијалите на тоа архитектонското културно наследство како културен капитал на меѓународниот туристички пазар, и за можните пристапи за негова промоција и придонес за развој на градот Скопје. Идејата не беше  да се повторуваат и репродуцираат постоечките информации за ова разнолико наследство, туку да се изнајдат начини како да се предочи и да се претстави значењето на овој културен капитал во една поширока, европска културна мапа, односно за една поширока и суштинска дебата како нашето архитектонско културно наследсво да го направиме повидливо и за меѓународната, но и за домашната јавност. Проектот, преку обезбедување на дидактичка подлога (трибината и другите  планирани активности), придонесе за подобра запознаеност на вредностите и значењето на културниот капитал на Република Македонија и придвижувања кон интеграција на Македонија во Европскиот дискурс за културно наследство.
Како директен продукт од овој проект е првиот Архитектонски водич на Скопје. 

Поддржано од;
Канцеларијата за поддршка германско-македонската развојна соработка – GTZ 
Секторот за европски прашања при Владата на Република Македонија

Со велосипед е во ред!
А каде да паркирам?!? (2009):

Целта на проектот беше да придонесе кон заложбите за одржлив урбан развој: преку приклучување кон иницијативите за промовирање на велосипедот како рамноправно превозно средство во урбаните средини, да придонесе кон обезбедување услови за зголемување на бројот на оние кои велосипедот во Скопје ќе го користат не само како рекреативно, туку и како транспортно средство за своите секојдневни патувачки потреби. Со тоа ќе се придонесе кон намалување на загадувањето на животната средина, поекономично трошење на енергетските ресурси, како и кон поголема можност за контакт и комуникација меѓу луѓето. Пристапот кој го користеше овој проект е “од долу нагоре” (bottom up), каде елементите на едукација беа комбинирани со практичи “know-how” акции. Воедно посебно внимане се посвети на инволвирање на што поголем број општествени чинители од повеќе сфери: локалните власти како поддржувачи и партнери (Градот Скопје и Општина Карпош)  вклучени во  проектот, бизнис секторот, граѓанските организации, медиумите и секако  младите како директни учесници во едукативните активности, но и како предлагачи и дизајнери на нови концепции, за пораката на проектот да стигне до поголем број  граѓани. Проектот е препознаен како навистина извонреден пример за заедничкото работење и партнерска соработка меѓу локалните власти и невладините организации, од почеток до финализирање, односно од идеја до резултат.    

Поддржано од:
Македонската канцеларија на Регионалниот центар за животна средина за југоисточна Европа (РЕЦ) - преку програмата SECTOR поддржана од страна на Шведската меѓународна агенција за развој (Sida)

Формирање на Регионална парламентарна зелена лоби група (2008- 2009):

Успешното адресирање на прашањата врзани за одржливиот развој и заштитата на животната средина претпоставува развој и имплементација на интегрирани и долгорочни политики, како на национално, така и на локално ниво, кои пак имаат влијание на  поширокиот регион. Институционалната рамка за одржливо управување со животната средина, која се состои од норми, закони и прописи, како и од институции надлежни за нивно споведување, ги определува механизмите со кои различните чинители ги администрираат мерките за зачувување на животната средина и обезбедуваат одржливост во искористувањето на природните ресурси. Сепак по својата природа, прашањата врзани за одржлив развој на заедницата се мошне комплексни, па според тоа за успешност во остварување на таквите политики неопходно е  вклучување на поширок круг општествени чинители - и од власта, и од бизнис заедницата, и од невладиниот сектор и од пошироката јавност воопшто. Тргнувајќи од ваквиот пристап дека за прашањата за заштита на животната средина е потребно заедничко делување на повеќе чинители, целта на една ваква широка акција е народните пратеници од повеќе земји од регионот, седнати на иста маса, заедно со претстваниците на граѓанските здруженија од тие земји, отворено да разговараат за “жешките” теми врзани за заштита на животната средина и да дојдат до заеднички заклучоци и акции за подобра и “позелена” иднина за сите граѓани во секоја држава посебно, а со тоа и пошироко во регионот.
Проектот се спроведуваше од страна на 4х4х4 Балкански мостови, Скопје,  во парнерсво со Коалицијата за одржлив развој , Македонскиот зелен центар од Скопје, 4х4х4 Балкански мостови –Тирана и Зелен дом - Подгорица (www.balkangreenlobby.org )

Поддржано од:
Регионалниот центар за животна средина за југоисточна Европа (РЕЦ) – Будимпешта, преку програмата SECTOR поддржана од страна на Шведската меѓународна агенција за развој (Sida); Фондација Институт отворено општество Македонија, преку програмата Исток – Исток; Балкански фонд за демократија (BTD).

Младите во акција за одржлива иднина! (2009)

Едукацијата е клуч кон одржливиот развој. Таа е силата која стимулира учество во политичкиот живот, поттикнува иновативност, помога за аналитичност и конечно ја обликува заедницата. Едукацијата е многу повеќе од тоа да учиме да пишуваме и да читаме. Таа поттикнува развиток, зачувување на нашиот животен простор, почитување на човековите права и соработка, и е предуслов кој не води кон постигнување на одржлив развој. Нашиот однос кон едукација треба да биде широк и да вклучува пристапи кои на младите ќе им обезбедат добри алатки да градат одржлива иднина. Свртувајќи го фокусот на младите кон концептот на одржлив развој ќе се придонесе кон нивна посветеност за иднината, ставајќи го акцентот на одржлив стил на живеење како на поединецот, така и на заедницата во целина, посветеност кон еднаквоста, верување во потребата за активно вклучување на секој поединец и заедницата како целина за постигнување на позитивни промени, посветеност кон образованието како стратегија за промени и почитување на правата и одговорностите на секој поединец. Поттикнувањето на младите за волонтерски акции во соработка со локалните власти и другите членови во заедницата ќе го зголемат нивното чуство за активни и одговорни чинители, кои придонесуваат за подобра и одржлива иднина на својата земја во целина.

Поддржано од:
Агенцијата за млади спорт на Република Македонија

Што со батериите и акумулаторите! (2009):

Секојдневно за задоволување на нашите најразличи потреби за енергија користиме разни типови батерии, за една или повеќе употреби. Но, што ако изворот на енергија што го користиме секојдневно, едновремено претставува закана за нашето здравје, нашето живеалиште, животната средина? Несоодветниот третман и одлагање на искористените батерии доведува до контаминирање на водата и почвата, и претставува закана по здравјето на луѓето, животните, растенијата…. Имајќи го ова на ум, цел на овој проект е: подигање на јавната свест и поттикнување  на дебата како до соодветно собирање, одлагање и третман на овој тип на опасен отпад (употребени батерии и акумулатори); да  придонесе за почиста и поздрава животна средина и одржлив развој во Македонија. Проектот се спроведува од страна на 4х4х4 Балкански мостови, Скопје,  во парнерсво со Коалицијата за одржлив развој

Поддржано од:
Канцеларијата на Светска банка  во Република Македонија
Владата на Република Македонија преку Генералниот секретаријат – Одделение за соработка со невладин сектор

Еколошки ефекти од согорување на фосилните горива (2008-2009):

Целта на овој проект е истражување врзано за продуктите на согорувањето од разни видови фосилни горива (цврсти, течни и гасовити) и нивното влијание врз квалитетот на воздухот, а со тоа и врз животната средина. Хемиската реакција меѓу јаглен моноксидот, азотните оксиди, агресивните органски соединенија и сончевата топлина доведуваат до појава на фотохемиски смог во големите урбани центри. Најголем извор на азотни оксиди се електроенергетскиот, транспортниот и индустрискиот сектор. Афирмирањето на еколошки пријателски енергенси, каков што е природниот гас, и нивна употреба и во индустријата и во домаќинствата, има за цел да влијае врз намалување на емисијата на полутантите во атмосферата, штетни за животната средина и за здравјето на луѓето.

Поддржано од:
Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија. Порта3 – списание за градежништво, архитектура и екологија, како медиумски покровител.

Речен фестивал „Денови на Вардар” (2008): По примерот на многу европски градови проектот беше насочен кон јакнење на еколошката и на граѓанската свест на жителите на градот Скопје. Фестивалот во координација со сите партнерски организации спроведе бројни активности: работилници, претстави, уличен театар, симболична еколошка акција на чистење на кејот на реката Вардар и бројни  други настани во кои како директни учесници беа вклучени децата и младите од градот.